УСЛОВИ ЗА УПИС ВО ОСНОВНО МУЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ 2026/2027
Поднесување документи за запишување во основно музичко и балетско образование за учебната 2026/2027 година
15.04.-15.05.2026
задолжителна електронска пријава
Приемен испит основно музичко образование
8, 9 и 10 Јуни 2026
Внимателно прочитајте ги условите и одберете ја соодветната електронска пријава според возраста на ученикот. При пополнување на електронската пријава ќе биде побарано да се најавите со активна gmail адреса (мејл) преку кој ќе ги прикачите документите за запишување во електронска форма. Мејлот преку кој ја пополнувате пријавата ќе биде користен за понатамошна комуникација.
Секој пријавен кандидат ќе биде известен на мејл за терминот на приемен испит.
Прочитајте ги внимателно условите за запишување според наставниот план за основно музичко образование донесен од страна на БРО и Статутот на училиштето.
Пријавите на кандидатите кои според возраста не ги исполнуваат условите за запишување во соодветен вид основно музичко образование, ќе се сметаат за невалидни и нема да бидат земени предвид. Поради тоа потребно е најпрво да ги прочитате условите за запишување во соодветниот вид на основно музичко образование.
ЕЛЕКТРОНСКАТА ПРИЈАВА е поставена на крајот од страницата 👇👇👇
ДЕВЕТГОДИШНО МУЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ:
ПИЈАНО, ВИОЛИНА, ВИОЛОНЧЕЛО
Во I одделение во деветгодишно основно музичко образование можат да се запишат ученици кои во редовна настава во матичното училиште следната учебна 2026/27 година ќе бидат во I, II или III одделение. Учениците кои во учебната 2026/27 ќе бидат I одделение, потврда за редовност од матичното училиште ќе достават дополнително, кога ќе биде издадена потврдата.
ШЕСТГОДИШНО МУЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ:
КЛАСИЧНА ГИТАРА, КЛАРИНЕТ, САКСОФОН, ФЛЕЈТА, ОБОА, ТРУБА, ХОРНА, УДИРАЧКИ ИНСТРУМЕНТИ, ХАРМОНИКА
Во I одделение во шестгодишно основно музичко образование можат да се запишат ученици кои во редовна настава во матичното училиште следната учебна 2026/27 година ќе бидат во IV, V или VI одделение.
ТРИГОДИШНО МУЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ:
ТРОМБОН, ФАГОТ И СОЛО ПЕЕЊЕ
Во I одделение во тригодишно основно музичко образование можат да се запишат ученици кои во редовна настава во матичното училиште следната учебна 2026/27 година ќе бидат во VII, VIII или IX одделение.
ЕЛЕКТРОНСКАТА ПРИЈАВА е поставена на крајот од страницата 👇👇👇
ДОКУМЕНТИ КОИ Е ПОТРЕБНО ДА ГИ ДОСТАВИТЕ ЗА ПОЛАГАЊЕ ПРИЕМЕН ИСПИТ ЗА ОСНОВНО МУЗИЧКО И БАЛЕТСКО ОБРАЗОВАНИЕ:
На денот кога ќе се полага приемниот испит треба да се донесат и остават на комисијата следните документи:
Фотокопија од извод од матична книга на родени на ученикот;
Потврда за редовност од матичното училиште каде што учи ученикот или од следната учебна година ќе биде запишан во прво одделение (за учениците кои ќе бидат во прво одделение во матичното училиште, доколку бидат примени во нашето училиште, потврдата за редовност може да се достави до нашиот центар дополнително во септември кај одделенскиот раководител);
Наведените документи ги прикачувате и во електронската пријава.
Важни информации:
• во I одделение нема да бидеме во можност да ги запишеме сите кои ќе се пријават и ќе бидат запишани само учениците кои ќе го положат приемниот испит, согласно слободните места.
• за музичко образование I одделение е селективно и во II одделение ќе продолжат само учениците кои успешно ќе го положат испитот на крајот на годината.
• распоредот на часови не сме во можност да го прилагодиме на секој поединечно и поради тоа Ве молиме да ги прилагодите Вие сите други активности според распоредот кој ќе биде објавен на почетокот на учебната година
НА ПРИЕМНИОТ ИСПИТ ЗА ОСНОВНО МУЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ СЕ ПРОВЕРУВА МУЗИКАЛНОСТА НА КАНДИДАТИТЕ
(песничка,интонација, музичка меморија, ритам)
Комисијата за време на приемниот испит ќе ги вреднува музикалноста и ритмичката прецизност. Одлуката на комисијата ќе биде донесена со внимание и почит кон секој учесник и е конечна.
Важно!
Во клоновите во Карпош и Аеродром капацитетот на кадар и простор е ограничен. Предност при упис имаат кандидати од соодветната општина и според бодовната листа. Доколку нема место во клоновите а во центарот има децата ќе бидат распределени во Центар.
СИТЕ КАНДИДАТИ ЌЕ БИДАТ ДОПОЛНИТЕЛНО ИЗВЕСТЕНИ ЗА ТЕРМИНИ ЗА ПРИЕМНИОТ ИСПИТ.
Согласно Статутот на училиштето, објавувањето на примените ученици во основно музичко образование е по завршувањето на приемните испити за средно образование во јули, кога може да се знае бројката на слободни места.
ЕЛЕКТРОНСКАТА ПРИЈАВА ДОЛУ 👇👇👇