Државниот музичко балетски училишен центар „Илија Николовски - Луј“ од Скопје е училиште од посебен интерес на државата. Во него се образуваат кадри од музичката и балетската уметност и како единствен центар од ваков вид тој претставува јадро од кое произлегуваат идните музички и балетски уметници и педагози, кореографи, диригенти, композитори и други музички и балетски културни дејци.
Лична карта на ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”-Скопје
Центарот е сместен во зграда, во рамките на Културниот центар на град Скопје. Тој се наоѓа од левата страна на реката Вардар, во непосредна близина на Филхармонија, Националната Опера и Балет, Македонскиот народен театар, Камениот мост, Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Археолошкиот музеј на Македонија.
Дејноста во основното музичко и балетско образование се одвива во две насоки: масовно ширење на музичката и балетската култура и професионално насочување на учениците од основниот оддел кон средното насочено образование.
Во основното музичко и балетско образование се опфатени ученици од градските и приградските населби на Скопје.
Во средното образование се образуваат кадри од образовните профили: музичар-изведувач, музичар теоретичар, балетски играч и традициски играч и пеач. Во средно образование се опфатени ученици од различни градови на Република Македонија.
Образовниот профил музичар изведувач ги опфаќа следниве професии: пијанист, виолинист, виолист, виолончелист, контрабасист, гитарист, харфист, флејтист, обоист, кларинетист, саксофонист, хорнист, тромбонист, фаготист, трубач, соло пејач, хармоникаш, изведувач на ударни инструменти.
Адресата на училиштето е Црвена скопска општина бр. 4
Телефон: 02/3115-527