На 16.10.1948 директор на училиштето станува Илија Николовски-Луј – хороводител и професор по лимени дувачки инструменти, кој музички се образувал во Белград и Софија. Тој бил личност кој низ својата соработка со бројни културно-уметнички друштва и воени дувачки ансамбли ги докажал своите извонредни организаторски имузички способности. Илија Николовски-Луј останува на оваа функција до 1973година, оставајќи неизбришлив белег во постоењето и работата на Средното музичко училиште. Како Директор, тој покажува големо чувство за правилно професионално насочување на бројни ученици, настојувајќи да се упатуваат на високошколски институции во други центри, следејќи го постојано нивниот музички раст и развој. Низ неговата долгогодишна работа, Луј секојдневно се грижел, несебично и пожртвувано, за секој свој ученик. Неговото постојано присуство и потреба за ред и дисциплина, биле од од особено значење за начинот на работата на училиштето. Воедно, тој активно партиципирал во сè што е врзано со организацијата на музичкиот живот на Република Македонија, а посебно со процесот на создавање на заокружен музичко-образовен професионален систем, од почетен до високообразовен.